Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, која се соочува со обвиненија за оддавање службена тајна на Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, во судската сала се изјасни за невина. Таа категорично ја отфрли вината и за обвинението според кое ревизорот Миле Столевски, наводно, во нејзино име го полагал тестот, по кој добила сертификат со највисок степен на доверливост, означен како „државна тајна“.
„Јас ја разбирам содржината на обвинението и не признаваам делата. Не се чувствувам виновна и сметам дека не сум направила ништо за што сум обвинета“, изјави Димитровска.
Имено, Татјана Димитровска се товари за две кривични дела: оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, како и за компјутерски фалсификат, бидејќи ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации. Според најновите информации, Димитровска, која поднесе оставка под притисок на јавноста, моментално е вработена во Државниот завод за ревизија, каде што работи како помошник на главниот државен ревизор.




