Поради неплатен данок, извршители им го заплениле кучето

Даночни службеници од Ален, Германија, деновиве уживаат национална, а безмалку и светска „слава“. Потегот што ги донесе на насловните страници на еден куп германски медиуми е запленетото куче од расата мопс од семејство кое имало неплатени даноци. По заплената, кучето е продадено на eBay.

Но чекајте, тоа не е најлошиот дел од приказната. Службениците од даночната управа првично сакале да ја запленат инвалидската количка на сопругот во семејството. За среќа или несреќа, се премислиле кога истрчал малиот мопс, а тие решиле дека тој е највредното нешто што го поседува семејството.

Еда (името на кучето) потоа е огласена за продажба на eBay, по невообичаено ниска почетна цена од 750 долари – половина од она што на крајот го платила новата сопственичка. Таа, по име Михаела Џордан, уште од самиот почеток била сомничава поради цената. Ја контактирала даночната служба, по што ѝ било кажано дека кучето е запленето поради тоа што поранешниот сопственик не платил данок.

Според нив, кучето било сосема здраво. Но набрзо Михаела се уверила во спротивното – Еда имала прилично сериозни здравствени проблеми, па набрзо по вдомувањето морала да оди на четири операции поради проблеми со очите, вклучително и итна операција за време на божиќните празници. Џордан, разочарана од таквиот исход, бара градот да ѝ ги надомести трошоците во вкупен износ од 1.800 долари.

Ова нејзино барање го привлекла вниманието на претходната сопственичка, по што таа ја раскажала приказната за медиумите, вклучително и делот дека двајцата службеници првично планирале да ја запленат инвалидската количка.

„Знам дека Еда е во добри раце, иако на моите деца многу им недостасува“, вели таа.

Од Даночната служба се правдаат дека заплената на животни не е стандардна процедура. Од друга страна, судејќи по потегот на расположените запленувачи од приказнава, арно за семејството што не им ги земале децата.

 

- Реклама -