Македонската фудбалска репрезентација денес се враќа од Турција, но, за жал, поради технички проблеми со авионот, актуелно се наоѓаат во Истанбул.
Чартер авионот со нашите фудбалери полетал според распоредот, а пристигнувањето на скопскиот аеродром било предвидено за околу 13:40 часот. Сепак, по само 20 минути лет, пилотот известил дека, поради технички потешкотии, е потребно да се врати назад, што резултирало со повторно слетување во Истанбул.
Досега нема информации за природата на техничкиот проблем, неговата сериозност, нити за тоа кога македонската фудбалска експедиција ќе се врати. Сигурно е само дека во моментот се на аеродромот во Истанбул.
Покрај членовите на репрезентацијата, во авионот се присутни и лица од Фудбалската федерација на Македонија, како и новинари.




