Покрената иницијатива пред Уставниот суд: многумина осудени за прекршоци без да бидат известени

Наслов: Иницијатива до Уставниот суд за член 80 од Законот за прекршоци

Адвокатот Бобан Величковиќ денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на член 80 став 2 од Законот за прекршоци.

Во образложението наведува дека многу граѓани биле огласени за виновни за прекршоци без воопшто да знаат дека против нив се води постапка. Причината, вели тој, е што доставувачот може еднострано да запише „известен – не побарал“, без проверка, без повторен обид и без доказ дека лицето навистина било запознаено со предметот.

Според подносителот, судовите таквата забелешка ја третираат како уредна достава, по што судат во отсуство и донесуваат пресуди без образложение, а граѓанинот за сето тоа дознава дури кога на врата ќе му се појави извршител.

Величковиќ нагласува дека адвокатите немаат право да молчат кога ќе воочат системска неправда вградена во закон. Тој додава дека тоа е должност и кон правдата и кон професијата, но пред сè кон граѓаните чии права зависат од правен систем што навистина функционира. Некои битки се водат во судница, а други – пред вратите на Уставот, посочува тој.