Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на Конференцијата на библиотекарите под наслов „Услуги за корисниците со посебни потреби и лица со попреченост“, истакна дека е важно библиотеките да се адаптираат за да станат подостапни и пофлексибилни за сите граѓани. Тој нагласи дека попреченоста не треба да се смета за пречка, туку за поттик кој ќе ги мотивира библиотеките да работат на своето осовременување и приспособување. Во време кога технологијата ни нуди многу можности, преминувањето кон похумани и поотворени институции не смее да биде занемарено. Љутков истакна и значењето на пристапноста како дел од библиотечните услуги – не само во поглед на физички пристап до објектите, туку и во однос на содржините, преку различни формати како Брајово писмо, аудиокниги и дигитални материјали, што овозможуваат поголема инклузивност.
Според Љутков, обврската за обезбедување пристапност не треба да се гледа како дополнителна задача, туку како основен принцип на кој почива културниот развој. Тој ја нагласи важноста на конференцијата како значаен чекор кон овој правец и потенцираше дека Министерството за култура и туризам е тука да понуди поддршка не само на збор, туку и со конкретни акции за создавање културни институции во кои достапноста е основен елемент. Министерот се обрати на Петтата конференција на библиотекари, која се одржа во Велес, со учество на библиотекари од различни земји, вклучувајќи ги и Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Индија и Босна.