Подготвена сум за предизвиците во Кисела Вода

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска Трајкоска, во својата објава на социјалните мрежи истакна дека Општина Кисела Вода претставува многу повеќе од само место за живеење и работа; таа ја доживува како вистинска заедница во која вложува својата енергија и верба.

„Имав привилегија да работам со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, човек кој не само што постави амбициозни цели, туку постави и високи стандарди. Тоа не создава притисок, туку поттикнува да продолжиме со истата сериозност, чесност и почит кон граѓаните,“ вели Стаменкоска Трајкоска.

Таа нагласи дека фактот што е спомната во анкетите на партијата како потенцијален кандидат за градоначалник на Кисела Вода го доживува како знак на доверба, но и како сериозна обврска и чест.

„Секогаш сум присутна во својата заедница и активно се информирам. Успешните приказни треба да продолжат, бидејќи тоа ѝ го должиме на секоја улица, секое маало и секое семејство во Кисела Вода,“ додаде таа.

Стаменкоска Трајкоска истакна дека ВМРО-ДПМНЕ располага со луѓе кои не учат политика исклучиво од функцијата, туку носат со себе знаење, искуство и чувство на припадност уште пред да заземат каква било позиција.

„Верувам во тимот во кој се наоѓам. Верувам во вредностите што нè насочуваат. И, пред сè, верувам дека граѓаните ја забележуваат нашата работа и ја ценат,“ заврши нејзината порака.