Почнува големото судење на 38 обвинети за трагедијата во „Пулс“

Nezavisen.mk

Точно во 9.30 денеска почнува едно од најголемите судење во Македонија – судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија што на 16 март 2025 година однесе 63 животи и повреди повеќе од 200 лица.

Судницата во близина на затворот „Идризово“ е под засилени безбедносни протоколи, а семејствата на жртвите пристигнуваат за да ја слушнат вистината која ја чекаат девет месеци, при што правосудниот систем е исправен пред најтешкиот тест досега.

Обвинителството ќе треба да докаже вина на вкупно 38 обвинети – од институции до поединци – за низа тешки дела против општата сигурност. Според обвинението, трагедијата не била несреќен сплет на околности, туку последица на години игнорирање на законите, погрешни одлуки и системски пропусти. „Пулс“ работел незаконски уште од 2012 година, без минимално-технички услови, со нерегистрирани реконструкции, без соодветна противпожарна заштита и со крајно небезбедни услови за посетителите.

Изгорената дискотека во Кочани (Фото: Б. Грданоски)
Во документите што ќе ги презентира Обвинителството стои дека повеќе институции издавале лиценци спротивно на законот, не вршеле потребен инспекциски надзор, дозволувале преполнетост на капацитетот и влез на малолетници. Најкритичниот момент настанал кога, за време на настапот на групата „ДНК“, биле активирани пиротехнички средства без дозвола – искра што ја запалила целата трагедија.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски уште на прес-конференцијата одржана на 16 јуни јасно порача дека секоја институција имала можност да спречи дел од ризиците, но пропустите се таложеле, создавајќи „ланец што неминовно водел кон катастрофа“.

Фото: Б. Грданоски
Додека судот го завршува последното техничко тестирање на системите, во зградата се поставени полициски филтри кои ќе контролираат кој влегува и излегува од судницата, а екипи на итната помош се во готовност за медицински интервенции.

Со процесот ќе раководи судијката Диана Груевска-Илиевска – со 19 години искуство и долга листа на високо профилирани предмети, меѓу кои и судењата за поранешните премиери Владо Бучковски и Зоран Заев, како и случајот за тешката несреќа кај Ласкарци.

Кои се обвинетите?

Додека се чека потег од пратениците, на првото рочиште во судницата во Идризово на 19 ноември треба да се појават сите обвинети – 34. Тројца од нив се одговорни лица, сопственици и управители на фирмата КЛАСИК ДМ – Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ – Кочани, кои вршеле угостителска дејност во кобниот објект од декември 2012 година. Меѓу обвинетите е и братот на сопственикот на дискотеката кој, според обвинителството, бил одговорен за продажба на билети и контрола на бројот на гости и нивната возраст.

Во „Пулс“, кобната ноќ според проценките на обвинителството имало над 500 лица.

На обвинителна клупа треба да седнат и тројца градоначалници на Кочани. Љупчо Папазов (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше на функцијата во моментот на трагедијата, како и неговите претходници Николчо Илијев (СДСМ) и Ратко Димитровски (ВМРО-ДПМНЕ). Според обвинителството, тие знаеле дека во градот постои ноќниот клуб „Пулс“, но не преземале ништо односно локалот не бил впишан во регистарот на општината согласно Законот за угостителска дејност. Тие, како што тврди обвинителството, овозможиле локалот да работи и сопственикот да си плаќа надоместок за вршење угостителска дејност – кабаре.

Фото: Б. Грданоски
Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како поранешни министри за економија, исто така, се опфатени со обвинението. На списокот се и еден државен секретар и петмина службеници од Министерството за економија кое е надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови.

Истрагата првично опфати уште двајца министри од овој ресор, Беким Незири и Дритон Кучи, но за нив како за уште три лица од овој ресор постапката беше запрена поради недоволни докази.

На обвинителна клупа ќе седне и актуелниот министер без ресор во Владата, Шабан Салиу, кој се гони како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со уште тројца други бивши директори, но и еден генерален инспектор кој бил раководител на инспекциска служба во ДЗС.

Се гонат и локални инспектори, како што се на пример, тројца градежни инспектори од Општина Кочани, членови на обезбедувањето и други.

Во саботата се одржа марш во Скопје

Во саботата, по триесетина маршеви низ кочани, се одржа и марш во главниот град организиран од граѓанските иницијативи „Кој е следен!“ и „16 Март 2025“. Нивната порака и натаму силно одекнува. Граѓаните масовно го подржаа маршот, а родителите почрачуваат дека нема да се откажат сè додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата.

„Ние родителите скапо го плативме данокот на корупцијата“, „Колку детски животи треба да згаснат за вие да се разбудите?!“, „Кој ќе ни ги врати другарите?“, „Тишината е соучество“, „Профит во крв“, „Крени го гласот пред да е касно“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, беа само дел од транспарентите со кои маршираа учесниците.

„Нашите деца умреа на 16 март. Шеесет и три деца кои никогаш повеќе нема да ги видиме. Не бараме од вас милост, бараме да ни се придружите во борбата за правда, затоа што нашите деца го заслужуваат тоа. Маршираме за вистината. Болката е наша, но борбата е за сите нас. Ни треба ваша поддршка“, порачаа претходно родителите во најавна видеопорака за маршот.