Почина Зоран Секулиќ, сопственик и главен уредник на агенцијата ФоНет.

Сопственикот, директорот и главниот уредник на новинската агенција ФоНет, Зоран Секулиќ, почина синоќа по кратко боледување, на возраст од 67 години, соопшти неговото семејство.

Секулиќ беше основач на ФоНет, првата приватна новинска агенција во Србија со независна уредувачка политика, која започна со работа на 7 февруари 1994 година. Тој беше член на Управниот одбор на Медиумската асоцијација, најголемото деловно здружение за издавачи на весници, новински агенции и дигитални портали во Србија, како и член на Управниот одбор на Советот за печат. Во септември 2011 година, учествуваше во преговорите на медиумската заедница (Медиумско здружение, НУНС, УНС, НДНВ и Локален печат) со Владата на Србија, за време на подготовките на првата Медиумска стратегија.

Неговата новинарска кариера започна во 1982 година како соработник во Радио Белград, програма 202. Од 1983 до 1993 година, работеше како новинар и уредник во Новинската агенција Танјуг, известувајќи од сите значајни домашни и меѓународни настани во текот на југословенската криза. Покриваше седниците на Претседателството на СФРЈ, преговорите меѓу претседателите на југословенските републики и покраини, како и од Меѓународната конференција за поранешната Југославија, која ја предводеше Лорд Карингтон во Хаг.

Во ноември 1993 година, Секулиќ го напушти Танјуг и ја основа ФоНет, со која по подолго време соработуваше и МИА.

За својот придонес во новинарството, добитник е на бројни награди и признанија.