По седум години, целосно реконструирано хроничното одделение во Психијатриска болница Негорци

„Здравствената инфраструктура е еден од основните столбови на нашиот систем, затоа се залагаме за нејзино унапредување и подобри услови за лекување на пациентите. Реконструкцијата на Психијатриската болница Негорци вклучува целосна обнова на кровната конструкција, нови врати и прозорци, како и обновување на изолациската фасада. Исто така, реализирана е внатрешна реконструкција, реновирање на санитарните простории и поставување на соларни колектори за затоплување на вода со обновливи извори на енергија. Со оваа инвестиција се создадени подобри услови за сместување на пациентите“, истакна министерот Алиу за време на посетата.

Директорот на установата, Сашко Стојиловски, објасни дека станува збор за објект со површина од 550 метри квадратни и дека вкупната вредност на инвестицијата надминува 16 милиони денари.

„Овој проект чекаше реализација околу седум години, а за време на тој период, сите укажувања од меѓународни институции беа погодени во однос на условите во ова одделение. Заедно со Министерството за здравство вложивме напори во изработката на проектот и неговата реализација, со цел да ги подигнеме стандардите за третман во нашата институција на повисоко ниво“, нагласи Стојиловски.