По приведувањето во Кавадарци, Аца Лукас повторно станува дел од контроверзии: Му го откажаа концертот во Република Српска

Концертот на српскиот пејач Аца Лукас, кој беше предвиден за 12 декември во Олимпискиот центар Јахорина, е откажан поради фотографија на која е со поранешниот командант на Армијата на Република Босна и Херцеговина, Насер Ориќ. Организаторите информираа дека оваа снимка предизвикала „загриженост и вознемиреност“ кај јавноста во Република Српска, па настапот беше отстранет од програмата.

Фотографијата, објавена од самата страна на Ориќ, наиде на бурни реакции, вклучувајќи ја и реакцијата на Милорад Додик, кој изјави дека Лукас „длабоко го повредил српскиот народ“ и дека по ова „го губи кредибилитетот за било каков настап во Република Српска“.

Овој настан доаѓа во време кога Лукас веќе беше дел од друга контроверза на Балканот. Пред неколку недели, тој беше приведен во Македонија поради настап во скопски клуб без соодветна работна документација. По кратка постапка, му беше изречена казна, а случајот доби значајна медиумска покриеност. Лукас за тоа ги обвини македонските политичари од власта, вклучувајќи го и премиерот Христијан Мицкоски. Откако се одлучи дека нема да настапува во Македонија, по неколку дена се предомисли и најави дека ќе присуствува на својот концерт во Скопје. Најново е дека средствата од влезниците ќе бидат донирани за семејствата во Кочани.

Во последниот скандал, Ориќ твди дека Лукас не бил свесен за тоа кој е тој, ниту пак имал лоша намера – според него, фотографијата е направена на приватна прослава кај заеднички пријател. Ориќ акцентира дека е „честен војник, двапати ослободен од сите обвиненија“ и дека пејачот не заслужува критики во јавноста.

Лукас се огласи преку Инстаграм, нагласувајќи дека никогаш не побарал поддршка од Додик, туку, напротив, Додик лично побарал поддршка од него. „Не ги делам луѓето по националност, вера или боја на кожа. На моите фанови не им барам лична карта за да знам како се викаат“, изјави тој, додавајќи дека никогаш не бил дел од војни, поделби или политички игри.

Откажаниот настап на Јахорина е најновото поглавје во серијата контроверзии кои го следат Лукас во последните недели, по неговото приведување во Кавадарци.