Петрушевски: Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски е одговорен за неактивноста на Обвинителството

Само тој и обвинителите бирани во Струмица и Зајас може да не постапуваат по наводите за криминал во РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, ТЕЦ Неготино, Државна Лотарија, ЈПДП, Министерството за здравство и другите институции за кои дури и медиумите изнесоа голем број сознанија за милионски криминали, рече Петрушевски

Шест месеци Јавното обвинителство е во зимски сон, шест месеци нема ниту едно покренато обвинение за ниту еден случај на сериозен криминал и корупција за репрезенти од СДС и ДУИ кои со години ги ограбуваа институциите, обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Иако во јавноста преку медиумите излегоа мноштво докази, ЈО не мрдна со прст, а институтот – отворање предмет по допрен глас, очигледно е мисловна категорија, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски на денешната прес-конференција.

„Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, наместо да почне да ја работи работата за која е платен продолжува со оправдувања. Љупчо Коцевски е целосно одговорен за неработата на обвинителите под него. Само тој и обвинителите бирани во Струмица и Зајас може да не постапуваат по наводите за криминал во РЕК Битола, ЕСМ, МЕПСО, ТЕЦ Неготино, Државна Лотарија, ЈПДП, Министерството за здравство и другите институции за кои дури и медиумите изнесоа голем број сознанија за милионски криминали. Само Љупчо Коцевски и обвинителите бирани во Струмица и Зајас не гледаат криминал во Онкологија, набавките на мазут, јаглен и гас, нивите купувани долж трасата за автопатот Скопје – Блаце“.

рече Петрушевски.

Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Оваа летаргичност која ја гледа од Јавното обвинителство и нивната закрила за политичките криминалци од СДС и ДУИ е причина за недовербата на граѓаните во правосудството, додава Петрушевски.

Обвинувања на сметка на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изминатиот период стигнаа и од премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера го повтори ставот дека обвинителите кога треба да стават потпис на налог за увид, за претрес, за лишување од слобода, наеднаш добиваат грозница, покачена температура, дијареја, анксиозност или се трудат на кој било начин да го опструираат процесот. 

„Ние имаме комотно мнозинство ако сакаме да го разрешиме од таа позиција. Но, ние не сме како СДСМ во 2017 година кога по секоја цена беше разрешен државниот јавен обвинител и на тој начин се покреноа политички процеси против тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Одлучивме да бидеме над ситуацијата, да размислуваме надвор од политичката матрица и да дадеме шанса. И што добивме? И навистина, трпението на граѓаните е при крај, но и нашето“,

рече Мицкоски.

Претходно, Коцевски ги оцени како неосновани обвинувањата на премиерот дека обвинители не си ја вршеле работата под изговор дека имаат здравствени проблеми. Според него, имало само еден случај во кој обвинител не отишол на закажан состанок бидејќи имал вирус, но по неколку дена одржал неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за координација по одредени предмети.  

- Реклама -