Обвинението за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е на серьезно проблематичен терен и носи со себе значајни правни слабости, истакнаа адвокатите Владимир Туфегџиќ и Еленко Миланов во своето гостување на телевизија. Според нив, основата на обвинението е премногу широка и неправилно ги третира сите лица како соучесници, иако многумина од нив во моментот на трагедијата немале никаква директна или индиректна поврзаност со самата дискотека.
Адвокатите сметаат дека ваквиот пристап не е во согласност со основните принципи на кривичното право, особено во делот на утврдувањето на индивидуалната вина, причинско-последичната врска и реалната можност за влијание на настанот. Велат дека не е можно сите опфатени со обвинението да се третират како дел од исто кривично дело без конкретна и јасна правна аргументација за секој од нив.
Владимир Туфегџиќ посочи дека бројот на обвинители во случајот е показател за внатрешна несигурност во концептот на обвинението, а не за квалитет. Тој направи споредба со Нирнбершкиот процес, во кој за судењето на злосторства од светски размери биле ангажирани само четворица обвинители.
„Во овој случај имате 15 обвинители. Лично ги познавам сите и со целосна одговорност можам да кажам дека најмалку пет од нив не се согласуваат со концептот на обвинението. Тоа го знам и стојам зад тоа. Но тие се задржуваат на своето мислење“, изјави Туфегџиќ.
И Еленко Миланов се согласи дека обвинението се потпира на нестабилни правни основи, укажувајќи дека ваквиот пристап може да има сериозни последици не само за обвинетите туку и за доверието на јавноста во правосудниот систем. Според него, ако судот прифати обвинение без прецизно утврдување на индивидуалната одговорност, тоа ќе претставува опасен прецедент во македонската судска пракса.
Двајцата адвокати оценија дека случај од ваков обем и значење бара максимална правна прецизност, наместо обиди преку масовност и политички притисок да се надоместат слабостите во истрагата.




