Според податоците од регионалните служби и центри, во овие моменти на територијата на нашата држава нема активни врнежи од снег, објави Центарот за управување со кризи. Патиштата каде што претходно имаше снежна покривка се расчистуваат и опесочуваат, а сообраќајот се одвива во зимски услови со претежно влажни патишта.
Екипите на ЈП „Македонија пат“, општинските служби за зимско одржување и јавните комунални претпријатија постојано се на терен и работат според утврдените приоритети. Главните магистрални и регионални патни правци се проодни, додека локалните патишта се расчистуваат таму каде што претходно имало снег. Забраните за сообраќај на тешки товарни возила на одредени планински превои продолжуваат да важат на местата каде што беа воведени предходно.
Надлежните служби информираат дека нема нови пријави за застои или посериозни проблеми во сообраќајот. Снабдувањето со електрична енергија и водоснабдувањето е стабилно, без евидентирани прекини низ државата. Институциите ја следат состојбата на теренот и постапуваат според информациите од Авто-мото сојузот и теренските извештаи.
Од Центарот за управување со кризи најавуваат дека ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата и навремено ќе ја информираат јавноста ако дојде до какви било промени.




