Движењето ЗНАМ за Наша Македонија со загриженост реагираше по последниот брифинг на лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тие го обвинуваат за деструктивна реторика, избегнување на суштински дијалог и фокусираност единствено на партиските интереси. Според ЗНАМ, иако Филипче јавно говори за европската интеграција на Македонија, неговите настапи откриваат дека му е поважно да ги одржи своите лични и партиски позиции, а не интересите на државата.
Од движењето укажуваат дека СДСМ, наместо да биде конструктивна опозиција која нуди решенија и аргументирани дебати, сè почесто се служи со „вулгарен и уличен вокабулар“, со што се оддалечува од реалниот политички дијалог. Според нив, ваквото однесување довело до „историски трансфер“ на разочарани членови од СДСМ кон ЗНАМ, луѓе кои бараат реформски и конструктивен пристап.
ЗНАМ истакнува дека раководството на СДСМ е во паника, обидувајќи се да ја одржи својата структура и позиции. Реакцијата вклучува и прашање дали политичките настапи на Филипче се најава за „пат кон Дубаи со златни визи“, што алудира на приоритетот на личните интереси пред државните. Според ЗНАМ, одбивањето на Филипче да учествува во дискусиите за клучни реформски закони е јасен знак дека напредокот на државата не му е важен.
Движењето нагласува дека реформите во правосудството, јавното обвинителство, безбедноста и слободата на изразување треба да бидат во фокусот на лидерските средби, бидејќи тие се важни за членството во Европската Унија и економската стабилност. Тие потсетуваат дека клучни одлуки, како Преспанскиот договор и францускиот предлог, биле донесени зад затворени врати, без јавна дебата и консензус.
Во реакцијата се упатуваат сериозни обвинувања за системска заштита на Филипче од одговорност во врска со различни случаи од минатото, од модуларните болници и тендерите во ЕСМ, до набавките на вакцини и трагедијата во Тетово. ЗНАМ смета дека овие случаи се дел од партиска корупција која го штитела поранешното раководство.
Напротив, тие за актуелната Влада кажуваат дека ја води државата кон стабилност и европска интеграција, без корупциски скандали. Како примери за минатото владеење на СДСМ, споменуваат аферите поврзани со поранешни функционери, кои довеле до стагнација во државата.
На крајот, Движењето ЗНАМ за Наша Македонија го повикува Венко Филипче да престане да ја блокира реформската и европската агенда и да се фокусира на вистинските интереси на државата и нејзините граѓани. „Македонија заслужува лидери кои гледаат напред и градеат консензус за реформите и европската иднина“, порачуваат од ЗНАМ.




