Според анкетата објавена на приштинската телевизија Клан Косова, спроведена од „Ипсос“, најмногу гласови има Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти со 38,2 отсто или 43 пратенички места
Косовската владејачка партија е на пат да освои најголем број гласови на парламентарните избори, но нема да може сама да формира влада, велат излезните анкети што вечерва ги објавија тамошните медиуми, веднаш по затворањето на избирачките места.
Според анкетата објавена на приштинската телевизија Клан Косова, спроведена од „Ипсос“, најмногу гласови има Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти со 38,2 отсто или 43 пратенички места.


Потоа следуваат Демократската партија на Косово, на Мемли Красниќи, со 22,4 или 25 пратенички места, и Демократската лига на Косово, на Лумир Абдиџику, со 20,1 отсто или 23 пратенички места.
Изборниот праг од пет отсто го надмина и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај во коалицијата со Социјалдемократската иницијатива со 7,6 отсто или девеет пратенички места.
Претставниците на српските и другите малцински заедници ќе добијат по десет места или вкупни 20 во 120-члениот косовски парламент.
Слични резултати дале и анкетите спроведени од Газета експрес, ТВ7 и РТВ Дукаѓини.
Порталот „Коха њуз“, пак, пишува дека партијата Самоопределување на Курти ќе освои 42 отсто од гласовите, што би значело 47 места во парламентот.
Проекцијата на „Коха“ е дека Самоопределување ќе освои 42,3 отсто, Демократската партија на Косово 21,3 отсто, а Демократската лига на Косово – 20,4 отсто.


За потсетување, Курти дојде на власт во 2021 година кога коалицијата предводена од неговата партија доби повеќе од 50 отсто од гласовите и обезбеди мало мнозинство во парламентот.
Во Косово право на глас имаат 1 970 944 граѓани, а во дијаспората 104 924 лица. Косовските граѓани во дијаспората гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.
На парламентарните избори учествуваат 28 политички субјекти, од кои 19 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Има и шест политички субјекти од српската заедница.
Собранието на Косово има 120 пратенички места, од кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката три, турската две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг е 5 отсто.