„Палестинците треба да имаат право на избор да ја напуштат Газа“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека тој и американскиот претседател Доналд Трамп имаат заедничка стратегија за Појасот Газа, негирајќи дека планираат присилно преселување на Палестинците, известува агенцијата Анадолија.

„Сакам да ве известам за нешто што ќе ги шокира медиумските извештаи што се појавуваат. Претседателот Трамп и јас имаме заедничка цел“, изјави Нетанјаху во одговор на шпекулациите за евентуално преселување на Палестинците од опколената територија.

„Ние сакаме да ги ослободиме нашите заложници. Нашето желба е да ставиме крај на власта на Хамас во Газа и да осигуриме дека Газа не претставува закана за Израел. Во рамките на оваа цел имаме заедничка стратегија и тактика. Ова не подразбира притисок или присила, туку целосна координација“, рече Нетанјаху.

Трамп во понеделникот го пречека Нетанјаху во Белата куќа, каде што разговараа за регионалните проблеми, вклучувајќи можен договор за прекин на огнот во Газа.

На прашањето на новинарите за време на средбата дали неговиот план за преселување на Палестинците сè уште е актуелен, Трамп изјави дека САД имаат „одлична соработка“ со соседните земји кои би можеле да ги прифатат Палестинците. Нетанјаху истакна дека се блиску до постигнување договор со неколку држави и дека Палестинците кои сакаат да ја напуштат Газа треба да имаат слободен избор.

„Никого не протеруваме“, истакна Нетанјаху. „Не сметам дека тоа е предлог на претседателот Трамп. Неговиот предлог е да им се даде избор“, додаде тој.

Од октомври 2023 година, израелската воена офанзива во Газа резултираше со смрт на повеќе од 57.500 Палестинци, од кои најголемиот дел се жени и деца. Непрекинатото бомбардирање ја уништи енклавата и предизвика сериозна хуманитарна криза, со недостаток на храна и ширење на заразни болести. Оваа офанзива на Тел Авив следеше по нападот на Хамас врз израелска територија, при што загинаа 1.200 лица, а 251 беше киднапирана.

Според израелските извештаи, 148 заложници се вратени живи во Израел до јуни 2025 година, вклучувајќи 105 ослободени за време на примирјето во 2023 година, осум спасени од Израелските одбранбени сили, петмина ослободени од Хамас без договори и 30 ослободени за време на примирјето во 2025 година.

Најмалку 43 заложници се потврдени како мртви од страна на израелските власти, со некои од нив убиени за време на нападот на 7 октомври или подоцна во заробеништво, а нивните тела сè уште се наоѓаат во Газа. За останатите, се верува дека се уште се во заробеништво.