„Ехо од длабочината“ е поетичен и интерактивен виртуелен перформанс кој ја истражува чувствителната убавина на Охридското Езеро и еколошките предизвици со кои се соочува. Овој настан се состои од два дела: прво, гледачите се водат на патување низ езерото преку виртуелна реалност, а потоа, преку интеракција со актерите, се соочуваат со фактите за еколошките закани што го загрозуваат овој екосистем. На крајот, секој посетител има можност да испрати сопствена порака поврзана со доживувањето.
Настанот е ко-продукција на Eho Animato (Белград), LOOP (Атина) и Oyoun (Берлин). „Ехо од длабочината“ првпат беше изведен во Берлин во мај 2025 година, спојувајќи технологија и активизам со цел да се преосмисли театрот како простор за еколошка и емоционална поврзаност, во рамките на проектот PROSPER, кофинансиран од Европската Унија.

Режијата е на Нина Николиќ и Борјан Стојков, а во претставата настапуваат Саша Ханџиќ и Благој Веселинов.
Овој настан е дел од богатата и динамична програма на Македонскиот културен центар во Тирана, кој постојано организира различни културни и уметнички активности со цел да ја промовира македонската култура, современата уметност и културното наследство пред меѓународната публика. Оваа претстава посебно се истакнува, бидејќи преку современи уметнички форми го насочува вниманието кон Охридското Езеро — едно од најголемите природни и културни богатства на Македонија и регионот, чија заштита е заедничка одговорност и важна порака до идните генерации.




