Ова првенство е поттик за младите спортисти и гордост за нашата држава.

Нашиот главен град по првпат ќе биде домаќин на Светското училишно првенство во ракомет, кое ќе се одржи од 21 до 29 април, под организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија, а со поддршка на Министерството за спорт.

На овој престижен настан ќе настапат 23 машки и 16 женски екипи, со вкупно околу 700 млади ракометари и ракометарки до 18 години, кои доаѓаат од различни делови на светот. Ова е еден од најзначајните училишни спортски настани организирани во Македонија, кој ја поставува нашата земја на глобалната спортска мапа.

Елена Мицковска, претседателката на Федерацијата на училишен спорт, истакнува дека добивањето на организацијата на овој настан е не само голема чест, туку и значителна одговорност. „Организацијата на Светското училишно првенство е потврда за нашата подготвеност како земја да одговориме на ваков предизвик. Ова не е само натпревар, туку и можност да испратиме појасна порака дека Македонија е сериозен партнер во меѓународниот спорт, особено во ракометот, кој е нашето најпопуларно спортско поле“, вели Мицковска.

Таа упати благодарност до Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски за непрекинатата поддршка во развојот на училишниот спорт. „Верам дека овој настан ќе инспирира многу млади спортисти да продолжат да се стремат кон успеси, а нашата улога е да ги поддржиме во остварувањето на нивните соништа“, додава таа.

Покрај спортскиот аспект, претставата носи и дополнително значење, бидејќи служи за промоција на нашата држава и развој на младите. „Спортот е моќен инструмент за обединување и инспирација. Овде младите ќе имаат шанса да се вклучат во едно големо спортско опкружување, што дополнително ќе ги мотивира да го засакаат ракометот“, нагласува Мицковска.

Прочитајте и:  САД одбија визи на неколку ирачки репрезентативци пред Светското првенство 2026 година

Во периодот на првенството, Скопје ќе се претвори во центар на младинскиот ракомет, со очекување за создавање на вистинска спортска атмосфера. „Очекуваме конкурентни натпревари, фер-плеј и пријателства кои ќе траат засекогаш. Нашата цел е сите учесници да заминат од Македонија со незаборавни спомени“, додава таа.

Мицковска упати повик до учесниците и јавноста: „Ова првенство е далеку повеќе од спорт. Тоа е можност да покажеме дека Македонија има капацитет и енергија да биде домаќин на големи спортски настани. Верувам дека ќе оставиме впечаток што ќе се памети долго. Ги повикувам сите љубители на спортот да присуствуваат на свеченото отварање на 21 април на плоштадот Македонија и да им дадат поддршка на младите спортисти.“

Натпреварите ќе се одржат во шест спортски сали во Скопје: СРЦ „Македонско сонце“, СРЦ „Архиепископ Доситеј“, СРЦ „Кочо Рацин“, СРЦ „Крсте Мисирков“ и СРЦ „Антон Димитров“, додека финалните натпревари ќе се одиграат на 28 април во спортската сала „Расадник“, каде што исто така ќе биде одржано и свеченото затворање на првенството.

Претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска, минатата година беше дел од Светското училишно првенство во одбојка што се одржа во Кина и ги покани сите земји да учествуваат во ракометниот спектакл во Скопје.