Драмски театар Скопје објавува нови премиери за 2026 година
Директорот на НУ Драмски театар Скопје, Роберт Вељановски, најави серија нови претстави во текот на годинава, вклучувајќи ја и „Ова е само крајот на светот“. Оваа претстава, напишана од Жан-Лик Лагарс и во режија на Теа Беговска, ќе ја означи годинашната премиера со планиран буџет од 720.000 денари.
Театарот одбележува значаен јубилеј – 80 години постоење – и за таа цел е предвиден буџет од 6.720.000 денари, кој ќе се искористи за продукција на шест нови претстави.
„Средствата ќе бидат распределени одговорно и во согласност со потребните естетски критериуми што се очекуваат од еден реномиран театар“, истакнуваат од Драмски театар.
Претставата „Ова е само крајот на светот“ истражува динамиката на семејството како интензивен простор за љубов и конфликт, моментите кога чувствуваме потреба да изразиме сè, но зборуваме малку, и обичните средби кои откриваат дека ништо не може да биде исто.
Покрај неа, од Вељановски е најавен и проектот „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, режијата на оваа претстава е доверена на Дејан Пројковски, и истата ќе се реализира со буџет од 1.800.000 денари, а премиерата е планирана во април, за време на прославата на годишнината.
Планиран е и проектот „Федра“, според Расин и Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ, чие изведување е предвидено за јули во рамките на „Охридско лето“.
Друга важна премиера е „Алиса се враќа дома“ од Ивана Смилевска, која ќе биде четврта во продукцијата на Драмскиот театар и е закажана за новата сезона во септември, со буџет од 600.000 денари.
„Трите сестри во Москва“ од Владимир Талевски, ќе се изведува во рамките на предвидените 900.000 денари, а на октомври ќе ја отвори македонскиот фестивал „РУТА Скопје“. Последниот проект од финансиската потпора на Министерството за култура и туризам е „Рекет“, текст и режија на Коле Ангеловски, со исто така 900.000 денари.
Театарот годинава ќе поддржи и петто издание на фестивалот РУТА, кој ќе се одржи од 26 до 31 октомври, за што е предвиден буџет од 1.500.000 денари.
Во рамките на меѓународната соработка, Драмски театар располага со средства од 2 милиони денари за учество на фестивали во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград, Подгорица и Јужна Кореја.
Дополнително, Министерството за култура поддржува издавање на годишникот „Театарски гласник“, чие објавување ќе чини 150.000 денари, исто така ќе биде издадена нова монографија по повод 80-годишнината на театарот, за што е одвоен буџет од 350.000 денари.
Работната програма за 2026 година е усвоена од Управниот одбор на НУ Драмски театар и наскоро ќе биде потпишан договор со Министерството за култура и туризам за финансирање на годишните активности на театарот.




