Отворена изложба „Флора – Фауна – Покриви“

Вчера во Националната галерија, во објектот Чифте амам, се отвори изложбата „Флора – Фауна – Покриви“, претставувајќи дела на современите австриски уметници Констанце Пирх, Манфред Лајрер и Харo Пирх. Нивните творби се инспирирани од природата, животот и околината што нè опкружува.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во своето обраќање истакна дека „изложбата претставува културен настан кој носи свежина од пријателска Австрија, како и одлична можност да ги потврдиме традиционално добрите и пријателски односи помеѓу нашите земји, кои ги поврзуваат длабоки културни, историски и духовни врски“.

Тој посочи дека двете земји со години градеа партнерство во кое културната соработка игра важна улога.

„Македонија и Австрија со години развиваат стабилно партнерство, темелно на доверба, почит и заеднички европски вредности. Во овој контекст, културната соработка е особено значајна, создавајќи простор за дијалог, размена на идеи и нови креативни соработки меѓу институциите и уметниците од двете држави“, нагласи Љутков.

Прочитајте и:  Отворена изложба на Жанета Вангели во Културно-информативниот Центар Белград

Според Љутков, ваквите иницијативи не само што ја збогатуваат културната понуда на градот, туку и ги зацврстуваат темелите на партнерството помеѓу двете држави.

Изложбата „Флора – Фауна – Покриви“ ќе биде отворена за посетителите до 12 април и е реализирана со поддршка на Амбасадата на Република Австрија, во соработка со Националната галерија и Министерството за култура и туризам.