Отворен хаб за собирање и селекција на пластичен отпад во рамки на проектот за рециклирање филамент.

Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во Штип отвори ново место за собирање и сортирање на пластичен отпад, кое е лоцирано во близина на кампусот на техничките факултети, поточно во “Нетавиле“. Овој проект, наречен „Рециклиран филамент за 3Д печатење“, се спроведува како дел од програмата „Екосистем за еко-иновации и циркуларна економија на Западен Балкан“, финансиски поддржана од страна на Европската Унија и Владата на Црна Гора. Целта на хабот е да собере четири вида отпадна пластика, кои тим на истражувачи, воден од професор д-р Игор Јорданов од Технолошко-Металуршкиот Факултет, ќе ги преработат во четири типа рециклиран филамент за 3Д печатење.

„Отпадот не е само ѓубре, туку важна суровина која со користење на знаења и технологии може да се преобрази во вреден производ. Нам ни е драго што нашата иновативна концепција за изработка на филамент за 3Д печатачи од рециклирана пластика доби внимание во рамките на програмата ‘Екосистем за еко-иновации и циркуларна економија на Западен Балкан’. Ние ќе ја прибиреме потребната количина пластичен отпад овде, во ‘Нетавил’, како и преку соработка со Пакомак, нашиот партнер“, истакна професор Јорданов.

Изработката на прототипови од рециклираните филаменти се одвива во лабораторијата ИНО ФАБ ЛАБ на Технолошко-Металуршкиот факултет, каде што се проверуваат и карактеристиките на новите филаменти. Нашата крајна намера е да создадеме квалитетен и еколошки прифатлив производ кој ќе го замени традиционалниот филамент за 3Д печатење од нерециклирана пластика.

Главната задача на овој проект е да се намали пластичниот отпад, да се промовира циркуларната економија и да се понудат еколошки решенија во индустријата за 3Д печатење. „Со оваа иницијатива, ние не само што водиме борба против значајните еколошки проблеми, туку и ја гледаме како можност да ја поставиме нашата земја како лидер во регионот за иновативни и еколошки одржливи решенија. Ги охрабруваме сите – граѓани, организации и компании да ни се придружат и да ја поддржат оваа еко-иновативна иницијатива – затоа што иднината е зелена, паметна и кружна“, додаде професор Јорданов.