Отстранети речиси пет милиони профили на тинејџери од социјалните мрежи во Австралија

Социјалните мрежи во Австралија деактивирале околу 4,7 милиони профили на корисници под 16-годишна возраст, само еден месец откако стапи на сила првиот закон во светот кој им забранува пристап на тинејџерите до овие платформи. Ова го соопшти австралискиот регулатор за интернет безбедност.

Комесарката за е-безбедност, Џули Инман Грант, истакна дека бројот на затворени профили е значително поголем отколку што се претпоставуваше порано, што укажува на тоа дека платформите сериозно се ангажирани во усогласување со законот, кој стапи на сила на 10 декември. Законот предвидува казни до 49,5 милиони австралиски долари за компаниите кои не ќе го почитуваат, додека децата и нивните родители не сносат одговорност.

Компанијата Meta извести дека отстранила околу 550.000 профили на помлади корисници од Instagram, Facebook и Threads. Забраната за минимална возраст важи и за YouTube, TikTok, Snapchat и X. Од американската платформа Reddit потврдија дека го почитуваат правилото, но најавија правна постапка против австралиската влада, која одговори дека ќе ја брани регулативата.