Отстранети нелегални тезги на влезот во Старата скопска чаршија

Општина Центар ги отстрани нелегално поставените објекти на влезот во Старата скопска чаршија, со што е ослободен еден од најфреквентните делови во овој дел од градот. Акцијата беше спроведена во текот на ноќта по наредба на овластен градежен инспектор од Секторот за инспекциски работи, по претходно извршен вонреден надзор.

По донесеното решение, лицата самостојно ги демонтирале тезгите во доцните вечерни часови. Со оваа интервенција е расчистен просторот што подолг период беше исполнет со импровизирани штандови за продажба на бижутерија и сувенири, кои го нарушуваа изгледот и го отежнуваа движењето на пешаците.

Градоначалникот Горан Герасимовски напомена дека контролите и постапувањето против нелегално поставени објекти ќе продолжат, со цел заштита на јавниот простор и културно-историското наследство. Акцијата беше реализирана со поддршка од Град Скопје и јавните претпријатија, а од Општината навестија засилени инспекциски контроли и во наредниот период.

Прочитајте и:  (Видео) Откриен канцероген азбест оставен покрај детски игралишта во Козле