Изложба „Осончена тишина“ на Александра Костадиновска
Вечерва, на 24 февруари, во 19 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Белград, ќе се одржи самостојна изложба на фотографката Александра Костадиновска, наречена „Осончена тишина“.
Оваа фотографска серија, што Костадиновска ја презентира пред белградската публика, е личен израз за универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, топлина и живот. Изложбата содржи 24 одделни фотографски наративи, а е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ од Скопје, во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“, под кураторство на Јасминка Намичева.
Представувањето пред белградската публика е овозможено благодарение на поддршката од Македонскиот културно-информативен центар и Министерството за култура и туризам. На свеченото отворање вечерва ќе присуствува директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска доведуваат до колаж на документарни и поетски елементи. Во нејзините кадри, се забележува храброст за напуштање на комфорната зона и радост од откривање на непознатото, со нагласок на минливоста на моментот. Нејзините фотографии не само што регистрираат визуелни мотиви, туку прераскажуваат лични приказни, каде сонцето игра улога на водич и сведок. Оваа серија фотографии не само што е интимен дневник на патувањето низ европските простори, туку и универзална медитација за светлината и нејзината непостојана, но моќна природа.
Изложбата „Осончена тишина“ е и студија за времето – за нежната утринска светлина, за попладневниот интензитет и за златните нијанси на зајдисонце што се рефлектираат на површината на водата. Секоја фотографија носи порака за минливоста и истовремено за континуитетот – моментот исчезнува, но светлината како чувство останува во нашата меморија.
Со својата суптилна, а истовремено силна визуелна експресија, изложбата претставува покана да ги забележиме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, но значајни фрагменти од животот што стануваат вечни спомени, замрзнати во нашите лични мемории.
Изложбата ќе биде достапна за белградската публика до средината на март.
Во вториот дел од вечерната програма, ќе се одржи омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку проектирање на неколку документарни филмови од популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“. Д-р Балабанов беше истакната личност во македонската историја на уметност, познат по неговите заслуги во заштитата и промоцијата на македонската средновековна уметност.




