Вистинска филмска магија ќе се одвива на 22 февруари, сабота, во Македонскиот Народен Театар во Скопје, кога ќе се одржи втората Оскаровска Гала вечер. Овој гламурозен концерт ќе донесе безвременски музички хитови од светот на филмот, песни што влегле во историјата и биле номинирани или наградени со престижната филмска награда Оскар.
На сцената ќе настапат врвни македонски уметници,вклучувајќи ги Наде Талевска,Ана Петановска,Светлана Јовановска (South Park),Горан Наумовски,Денис Димоски,Дејан Бобиќ Дексо,Марија Димитријевиќ и Јасна Димитровска. Во нивната изведба ќе ги придружи Битолскиот Камерен Оркестар iwconnect под диригентската палка на Владимир Димовски, како и познатиот хор Полифонија.
Миланка Рашиќ, долгогодишен коментатор на Оскаровското шоу и автор на емисијата „Во кадар“ на Македонската телевизија, ќе ја води публиката низ незаборавните моменти и приказни инспирирани од легендарните филмови.
Покрај музичките настапи, програмата ќе биде збогатена со впечатливи сценски перформанси од страна на балетските уметници Саша Ефтимова и Ендрју Кук, како и со кореографиите на талентираните членови на танц клубот Dancers United.
„Музичкиот избор од оскаровските песни е извонреден. Сигурна сум дека публиката ќе ужива во маестралните изведби на големите хитови и во нашиот музичко-филмски времеплов,“ вели Миланка Рашиќ.
„Ова е еден од ретките настани кај нас каде што се изведува музика со врвен квалитет. Преку овој концерт се чувствуваме како дел од Оскаровската магија,“ додава Горан Наумовски.
Посетителите ќе имаат можност да го почувствуваат гламурот на оскаровската атмосфера уште од 19:30 часот, кога ќе пристигнуваат на Црвениот тепих, а самата Гала вечер ќе започне во 20:00 часот.
Настанот доаѓа точно една недела пред официјалната 97-ма церемонија на доделувањето на Оскарите во Лос Анџелес, што додава дополнителна возбуда и свечен дух на целата вечер.