Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека неговата имотна состојба останува иста и дека ќе го поднесе анкетниот лист во наредните денови. Во разговорот за „Скопје1“, тој објасни дека не успеал тоа да го направи порано поради, како што нагласи, големите работни обврски.
„Имотната состојба ми е непроменета од моментот кога била пријавена во Општина Кисела Вода. Нема никакви промени во мојот имот и анкетниот лист ќе биде поднесен во текот на наредните денови. Не сум го поднел досега поради обемот на работа и обврски“, истакна Ѓорѓиевски.
Оваа реакција доаѓа по утврдувањето од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека 54 актуелни и поранешни градоначалници не ја почитувале законската обврска за поднесување на изјава за имотна состојба и интереси. Според ДКСК, 19 новоизбрани градоначалници, среди кои е и Ѓорѓиевски, не поднеле анкетен лист по стапување на функцијата, додека 35 поранешни градоначалници, меѓу кои е и поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, не ја исполниле обврската по завршувањето на мандатот.




