Општината планира реконструкција на 22-километарската оф-роуд велосипедска патека околу Беровското Езеро.

Во рамките на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работни посети на општините Делчево и Берово. За време на средбите со градоначалниците Ружински и Гоцевски, како и со членовите на Советите, министерот ги искористи овие можности за да дискутира за значајните прашања поврзани со локалниот развој. Се разговараше и за ресурсите што се на располагање преку Ресурсниот центар, како и за обновата на податоците за даночни обврзници, која би придонела за зајакнување на самоодржливоста на општините.

Во фокусот на разговорите беше и активирањето на двата јавни повика за проекти, кои имаат цел да придонесат за рамномерен регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој, за кои се обезбедени вкупно 223.423.000 денари. „Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој се на располагање на општините за дополнителни информации и поддршка при аплицирањето за предлог проекти“, истакна министерот Перински.

Во Берово, особено внимание беше посветено на проектот „Нискојаглеродна InFinity патека“, финансиран од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) Бугарија – Северна Македонија. Овој проект има за цел да ја зајакне туристичката понуда и да ја ревитализира регионот. „Во рамките на проектот, Општина Берово планира да ја реконструира 22-километарската велосипедска патека околу Беровско Езеро, а исто така ќе се изгради современ вело-хаб со сите потребни сервисни и санитарни содржини. Овие инвестиции ќе помогнат да се зголеми бројот на посетители, да се продолжи туристичката сезона и да се поттикне локалната економија“, нагласи градоначалникот Ружински. Вредноста на проектот во Берово изнесува 117.736 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.

Прочитајте и:  Герасимовски: Доделени пехари и награди на Пензионерските спортски игри, Центарот го промовира активниот живот во третото доба.

Во Делчево, министерот направи увид во проектот „Интегрирани прекугранични туристички акции во регионот Благоевград–Делчево“, кој исто така е дел од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A). „Во моментов се работи на изградба на скејт-парк, катче за млади за рекреација и забава, дополнувајќи ја туристичката приказна на Делчево. Паралелно, текнат градежните работи за изградба на кејот на река Брегалница во должина од 300 метри, што ќе помогне во заштита од поплави. Со уредување на коритото на реката, централното градско подрачје ќе добие нова, атрактивна димензија за рекреација“, изјави градоначалникот Гоцевски. Вредноста на проектот за Делчево изнесува 347.636 евра, од кои 15% се обезбедени како кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.

Министерот Перински изрази задоволство од работата на градоначалниците, посочувајќи дека локалните раководства покажуваат значителна преданост во справувањето со актуелните предизвици.