Граѓаните своите предлози можат да ги поднесат преку пополнување прашалник по електронски пат, или со преземање документ во ПДФ-формат, кој може да се пополни рачно, а потоа да се достави преку пошта или лично во архивата на општината
Општина Тетово денеска го објави повикот за прибирање предлози за преименување на улици што веќе имаат определено име и именување на новите улици. Јавниот повик е објавен на веб-страницата на општина Тетово, а ќе трае еден месец, односно до 10 март годинава.


„Се известуваат и се повикуваат сите граѓани, правни лица, претставници на невладини организации, здруженија на граѓани и граѓански активисти што ги претставуваат различните групи на граѓани на подрачјето на општина Тетово, со цел да се обезбеди инклузивност и вклучување на јавноста, да учествуваат со предлози за преименување на улици во општина Тетово, кои веќе имаат определено име и именување на новите улици“,
се вели во повикот на општина Тетово.
Граѓаните своите предлози можат да ги поднесат преку пополнување прашалник по електронски пат, или со преземање документ во ПДФ-формат, кој може да се пополни рачно, а потоа да се достави преку пошта или лично во архивата на општината.
Општина Тетово реши дека треба да им стави имиња на 216 улици што сега имаат број или немаат ниту број, ниту име. Покрај ова, според градоначалникот Биљал Касами, намерата е да се сменат и некои актуелни имиња на улици, за што, како што вели тој, треба да одлучи формираната комисија.
Ова ги разбуди духовите од минатото во средината со кревки меѓуетнички односи и предизвика силни емоции кај многу засегнати страни. Сојузот на борци обвини дека со овој проект општина Тетово сака да направи ревизија на историјата.