Обвинувањата за хибриден напад се пиаровска драма за прикривање неспособност на владата да се справи со последиците од еколошката катастрофа по пожарите во Дрисла, Вардариште и Трубарево Ова е ставот на лидерот на опозицијата Венко Филипче. Побара оставки од министрите за здравство и внатрешни работи, повика на итна и детална анализа на работата на сите депонии во земјата за да се утврди дали работат легално и порача дека потребни се итни анализи на почвата, воздухот и водата од страна на странска акредитирана лабораторија. – Ако беше така како што кажува премиерот, ако навистина сме под напад или закана на некои хибридни напади или некои странски центри на моќ, тогаш прво, требаше да заседава Советот за безбедност, требаше на терен да излезе Армијата, требаше на терен и во јавност да излезе министерот за одбрана, требаше да се активираат сите безбедносни служби во државата, требаше да се извести НАТО како наш стратешки партнер. Ништо од тоа не се случува, изјави Венко Филипче. ВМРО-ДПМНЕ му возврати со прашање – кој и зошто му го дал на Филипче тендерот за модуларната. ВМРО-ДПМНЕ – Пред да се осмели да зборува за било кое прашање, Венко Филипче е должен јавно да објасни: зошто за модуларната болница, наместо Министерството за локална самоуправа кое требало да ја спроведе постапката, токму тој лично го презеде и реализираше тендерот? Сè додека не даде јасен и издржан одговор на ова прашање, Филипче нема никаков кредибилитет да зборува за било што. Политичките копја ги вкрстија и ДУИ и ВЛЕН . Екс партијата на сегашниот вицепремиер Изет Меџити, го обвини – дека се криел, додека Скопје беше обвиен во токсичен чад од изгорена пластика и гуми. ДУИ – Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа Влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа – дури и ако тоа е нивната неспособност. А од ВРЕДИ вратија дека министерот на ДУИ – Нуредини, ја дал дозволата на складиштето во Трубарево. ВРЕДИ – Депониите околу Скопје, во Тетово, во Кичево и во Струга се наследство од времето на ДУИ. ДУИ е партијата што ја дала дозволата за работа на складиштето за електронски отпад во Трубарево, отпад што се наоѓа во населено место, веднаш до градот Скопје. Вчера премиерот Мицкоски изјави дека пожарите се организирани од центри на моќ од државата и надвор и дека вакви подметнувања и како што кажа – диверзии, ќе има и во периодот што следи.




