На „Меѓународниот натпревар за млада музика“ во Атланта, САД, Виолета Арсовска постигна исклучителен успех, освојувајќи го златниот медал и титулата апсолутен победник во својата категорија. – Особено сум среќна што го освоив златниот медал со мојата последна изведба на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски – изјави Арсовска. Нејзиниот настап беше придружуван од пијаното на Трајче Роглев. На 13. „Меѓународен московски музички натпревар“, таа освои второ место, изведувајќи композиции како „Со маки сум се родила“ и „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски.
Виолета Арсовска, сопран со извонредна музичка и педагошка кариера, будујќи со својот моќен и емотивен вокал, неодамна оствари значајни успеси на реномирани меѓународни натпревари. Од САД се врати со златен медал, а од Русија со сребрен, натпреварувајќи се со изведувачи од сите краеви на светот. Особено е интересно што оваа позната штипска оперска пејачка го доби признанието за својата интерпретација на македонски народни песни во аранжман на наши познати композитори.
На „Меѓународниот натпревар за млада музика“ во Атланта, таа беше во самиот врв и беше прогласена за победник во својата категорија.
– Уште послатко ми е што го освоив златниот медал со мојата последна интерпретација на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски – коментира Арсовска.
Таа настапи со пијано придружба на Трајче Роглев.
Според жирито, нејзиниот настап бил одликуван со лесен, но цврст тон и стабилна вокална техника.
– Вокалот е слободен и резонантен, а пеењето изобилува со природна леснотија, што овозможува музичката линија да тече без напор. Впечатокот е истовремено самоуверен и сигурен. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај делата со изразена емоција. Севкупно, ова е моќна и изразна изведба, исполнета со достојство, музикалност и техничка стабилност – забележаа тие во својата анализа.
На 13. „Меѓународен московски музички натпревар“, пак, таа освои второ место, додека првото не беше доделено.
Арсовска настапи во возрасната категорија од 36 до 45 години. Пред строгото меѓународно жирито, таа се претстави со внимателно избран репертоар од македонските композиции.
– Бев единствена од Македонија како вокален солист меѓу учесниците од целиот свет, со сребрен пласман, додека прво место не беше доделено. Изведов неколку од моите омилени дела: „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и популарната руска композиција „Подмосковние вечери“. Искрено сум благодарна за ова признание и мотивирана да продолжам понатаму – додаде таа по примањето на наградата.
Сценското искуство на Виолета Арсовска вклучува настапи на значајни музички настани низ цела Македонија, а својата страст кон музиката им ја пренесува на младите генерации како професор по соло пеење и раководител на дувачкиот оддел во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип.




