„Олуја“ е најзначајното етничко чистење во Европа по Втората светска војна.

На 4 август се навршуваат три децении од хрватската воена операција „Олуја“, која српската заедница ја доживува како најзначајно етничко чистење во Европа по Втората светска војна. По повод оваа годишнина, Амбасадата на Република Србија во Скопје објави соопштение што потсетува на страдањата на српскиот народ и на демографската катастрофа која ја предизвика операцијата.

Во соопштението се истакнува дека во само неколку дена, од Банија, Лика, Кордун и северна Далмација – области на поранешната Република Српска Краина – се протерани повеќе од 250.000 Срби, принудени да ги напуштат своите вековни домови.

Нема точна бројка на жртвите, но на списокот на загинати и исчезнати фигурираат 1.852 лица. Голем број домови и објекти биле уништени: над 25.000 куќи, 13.000 други згради, 78 православни цркви и 181 православно гробиште. Цели заедници исчезнале од местата каде што живееле со векови.

Според податоците на Амбасадата, пред војната во 1991 година, во Хрватска живееле над 580.000 Срби (12,2% од населението), а според пописот од 2021 година, нивниот број опаднал на само 123.892 (3,2%).

„Додека Србија и Република Српска го обележуваат овој датум како Ден на сеќавање на настраданите и прогонетите Срби, во Хрватска тој се слави како ‘ден на победата’ – оваа разлика најболно потврдува за длабочината на трагедијата и предизвиците во процесот на вистинско помирување,“ се вели во соопштението.

Српската амбасада истакнува и историскиот континуитет на страдањата на српскиот народ на денешна територија на Хрватска, посочувајќи ги масовните злосторства за време на Втората светска војна во концентрационите логори на Независната Држава Хрватска, од кои најкровен симбол е логорот Јасеновац.

„Олуја не е самостоен настан, туку продолжение на историјата на обиди за елиминирање на српското присуство од тие простори. Таа е потсетник за трајноста на еден проект кој, и денес, се одразува низ молчење, негирање и системска дискриминација,“ наведува Амбасадата.

Во заклучокот, се подвлекува дека политиката на Република Србија е насочена кон мир, стабилност и помирување во регионот, со постојано залагање за почитување на меѓународното право. „Не зборуваме за ‘Олуја’ поради минатото, туку поради иднината. Без вистина, почит кон сите жртви и правда – не може да се постигне вистинско помирување,“ се истакнува во пораката.