
Како што соопштија вчера организаторите, Јапонците ќе бидат повикани да ги донираат старите мобилни телефони и другите мали апарати, со цел да се соберат два тона злато, сребро и бронза, потребни за петте илјади олимписки медали кои ќе им се доделат на најуспешните спортисти на Олимписките и Параолимписките игри во Токио во 2020-та година. Со тоа, организаторите се надеваат ем да го промовираат концептот на рециклирање, ем да ги намалат трошоците.
„Проектот што им овозможува на жителите на Јапонија да учествуваат во правењето на медалите е многу добар. Со таквото рециклирање мислиме и на околината“, рече спортскиот директор на организациониот одбор – Коџи Мурофуши.
Така, во јапонските канцеларии и продавници од април ќе бидат поставени посебни кутии во кои ќе се собираат уредите. За разлика од Токио, градовите-домаќини на Олимписки игри досега традиционално ги набавуваа металите од рударски компании. Сега Токио се „заканува“ да наметне нов тренд кој ќе продолжи и во иднина.
![_93903158_bf6309ad-5a0d-4535-b1f3-4ad1b7029770[1]](http://cdn-5859be45f911ca35ec95022d.closte.com/wp-content/uploads/2017/02/93903158_bf6309ad-5a0d-4535-b1f3-4ad1b70297701-640x360.jpg)



