ОЈО бара притвор за скопјанецот во чиј дом беа пронајдени малолетници во бессознание – им дал да се напијат три видови лекови со алкохол

Децата испиле поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, а Обвинителството смета дека осомничениот бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето

ОЈО Скопје / фото: „360 степени“

Во четвртокот вечерта, на 11 јули, четворица малолетници на возраст од 15 до 17 години биле собрани во домот на осомничениот 40-годишник.

Тој на деца им дал да се напијат три различни лекови додека консумирале и алкохол, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

Децата испиле поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, а Обвинителството смета дека осомничениот бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето.

„Осомничениот, додека на 11 јули во вечерните часови во неговиот дом престојувале четири деца на возраст од 15 до 17 години, ставил во промет лекови што се штетни за здравјето. Тој заедно со децата почнал да консумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови ‘тергатол 200 мг’, ‘запира 10 мг’ и ‘дијазепам 5 мг’ кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение“,

соопшти ОЈО Скопје.

Следниот ден попладнето, на 12 јули, полицијата ги пронашла оштетените деца во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба.

„Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта“,

се вели во соопштението на Обвинителството.

Според Обвинителството, осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош.

„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишникот осомничен за – тешки дела против здравјето на луѓето, според член 217 став 1 од Кривичниот законик, а во врска со член 212 став 1, како и за кривично дело – излагање на опасност според член 134 став 1 од Кривичниот законик“,

вели ОЈО Скопје.

Обвинителството до Основниот кривичен суд достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Претходно денеска Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека 40-годишен скопјанец Д.Ѓ. во чиј дом биле пронајдени четворица малолетници, е лишен од слобода.

Во описот на случајот се вели дека вчера во 13:57 часот во Секторот за внатрешни работи – Скопје било пријавено оти во двор од куќа, сопственост на Д.Ѓ., тој со тврд предмет бил физички нападнат од малолетник.

По добиената пријава полициските службеници биле во куќата каде ги затекнале четирите малолетни лица од кои две биле во бессознание.

Од Клиниката за токсикологија денеска информираа дека четворицата малолетници се во стабилна состојба, свесни и контактибилни и оти немаат посериозни повреди, но ќе бидат задржани уште неколку дена на лекување. Анализите што биле направени, како што рече директорот на Токсикологија, Андон Чибишев, докажале дека кај малолетниците имало присуство на психотропни супстанци, но не и алкохол.