ОХО Продукција реагираше на реакциите во јавноста: Документарниот филм за Слаткаристика ќе пренесе приказна за надеж и победа над предизвиците.

По многубројните реакции во јавноста, откако беше обелоденето дека Агенцијата за филм на Македонија одобри финансиски средства за снимање документарен филм за раперот Слаткаристика, на јавноста и се обрати и ОХО Продукција, која е зад проектот.

Според продукцијата, тие отсекогаш верувале во моќта на вистинските приказни и токму поради тоа одбрале да ја раскажат животната приказна на Слаткаристика преку документарен филм.

„ОХО Продукција отсекогаш имала доверба во моќта на вистинските приказни. Приказни кои инспирираат, охрабруваат и оставаат длабока трага по завршувањето на последниот кадар“, наведуваат во нивната објава.

Тие нагласуваат дека филмот нема да биде само музички портрет на еден од најпознатите македонски рап артисти, туку и приказна за човек кој успеал да ги претвори животните предизвици во двигател на својот успех.

„Затоа сме посебно горди што ќе ја раскажеме и оваа приказна за Слаткаристика, преку документарен филм, зборувајќи за човек кој својата најголема пречка ја претвора во своја најголема сила“, додаваат од продукцијата.

Во објавата се истакнува дека проектот е препознат и надвор од границите на земјата, преку програмата Creative Europe MEDIA, која му дала поддршка за понатамошен развој.

Прочитајте и:  Зеленски: Успешно спречивме рафинерија во Русија на растојание од 500 километри од Украина

Од ОХО Продукција исто така напомнуваат дека проектот добил поддршка и од домашни компании со општествено одговорно однесување, како и од Агенцијата за филм на Македонија, на кои им се заблагодаруваат за довербата.

Според нив, главната цел на документарецот е да раскаже приказна која може да инспирира многу млади луѓе и семејства.

„Најмногу од сѐ, сме благодарни на сите учесници во овој проект, бидејќи со своето учество ни овозможуваат да раскажеме приказна која ќе донесе надеж на многу деца, родители и млади луѓе кои секојдневно се соочуваат со сопствените предизвици“, порачуваат од ОХО Продукција.

Најавата за документарниот филм во изминатите денови привлекла различни реакции на социјалните мрежи, но од продукцијата истакнуваат дека во центарот на проектот ќе биде инспиративната животна приказна на Слаткаристика и пораките што таа може да ги пренесе до пошироката јавност.