Основното јавно обвинителство работи на истрагата за предметот во кој Апелација ја преиначи одлуката на првостепениот суд и пресуди Телеком да плати оштета на „фокус нет“. Според одлуката на Апелација, Телеком на фирмата „Фокус нет“ треба да ѝ плати отштета од 4 милиони евра.
“Проверките се во тек, прибавен е дел од документацијата и се анализира. Се прибавуваат и вербални искази“, велат од ОЈО.
Истрагата во ОЈО за предметот започна откако вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување. Државата има удел од 35 отсто во Телеком, па одлуката на Апелација ќе има и буџетски импликации. Заради сомнежите кои постојат за овој предмет, Кривичниот суд донесе времена мерка за запирање на извршувањето.
Одлуката на Апелација да ја преиначи првостепената пресуда беше разгледувана од страна на Републичкиот судски совет, по што беше усвоен извештај во кој беа констатирани низа незаконитости во постапката. При постапката во РСС утврдено е дека постојат фалсификувани записници, а најдени биле и докази кои ги нема во списите на Основниот суд. Исто така, пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа, што е спротивно на Законот за парнична постапка.
Сега на потег се и судиите од РСС кои веќе го разгледуваат предметот и постапуваат по доставените иницијативи за судијката известител. Рокот за изготвување на извештајот е при крај, а следната недела се очекува закажување на јавна седница и ќе се расправа за евентуални мерки за судијката известител во овој предмет.
Фирмата во чија корист пресуди Апелација имала склучено договор со Телеком во периодот од 2001 до 2002 година, а договорот бил раскинат од Телеком поради неплаќање на обврските од страна на фирмата. Започнал долг судски спор во кој Граѓанскиот суд во Скопје минатата година пресудил во корист на Телеком, бидејќи судот утврдил дека се работи за фирма со еден вработен која повеќе години била со блокирана сметка, а е повторно активирана непосредно по донесувањето на пресудата на Апелациониот суд. Фирмата не дала ниту доказ за број на претплатници, инвестиции и слично.
За овој предмет Апелација на својата официјална интернет страница сама се демантираше. Имено, откако објави соопштение во кое ги отфрли наводите за евентуални неправилности или надворешни влијанија врз донесената пресуда, следеше демант од истата институција во кој судот се огради од своето претходно соопштение и објасни дека првото било став на судечкиот совет, а не на Апелациониот суд Скопје.
Републичкиот судски совет е пред тест за да ја покаже и својата улога и значење во македонскиот правосуден систем. Пратеничките групи на партиите од власта ВМРО – ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, поднесоа во Собранието интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се бираат од страна на Собранието. Од вкупно 13 членови во Судскиот совет, Собранието бира пет. Ова следеше по претходните најави на премиерот Мицковски дека решавањето на овие предизвици е неопходно за враќање на довербата во судскиот систем и за зацврстување на владеењето на правото. Опозициската СДСМ побара следните чекори во правосудството да се прават со консензус на сите партии од Собранието.