Обвинетите во „Организатори на 27 април“ добија амнестија

Основниот кривичен суд Скопје го прифати барањето за амнестија и ги ослободи од натамошно гонење поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Четворицата беа обвинети и им се судеше како организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Судот со денешната одлука ја прекина судската постапка против четворицата обвинети која се водеше по вторпат. Одлуката ја соопшти судијата Илија Трпков, повикувајќи се на упатствата на Апелациониот суд со кои се укина претходното првостепено решение и предметот се врати на повторно судење, како и на мислењето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кој со допис од декември лани го известил Судот дека се согласил Законот за амнестија од 2018 година да важи и за овие обвинети.

„Барањето за примена на амнестија поднесена од обвинтетите Трајко Велјановски, Спиро Ристески, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се уважува. Се запира кривичната постапка поведена со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 31.05.2019 година за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност од член 313 од Кривичниот закон“,

изјави судијата Трпков, при соопштувањето на одлуката.
Инаку, барање за амнестија според законот донесен во 2018 година поднесоа сите четворица обвинети во случајот. Тие барањата ги поднесоа на почетокот на повторениот судски процес во кој се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста откако Апелацискиот суд Скопје ја укина претходната пресуда на Кривичен, а како една од причините беше што недоволно биле разгледани односно занемарени приговорите во претходните барања за амнестија.

Со претходната пресуда од Кривичен, за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест години затвор. Меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација во април 2023 наведе дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието за настаните од „крвавиот четврток“.

- Реклама -