„Раскажани стихови“, со поднаслов „Историја за една љубов“, е најновата поетска збирка на Марина Димитриева-Ѓорѓиевска, која неодамна беше објавена од издавачката куќа „Македоника литера“.
Збирката „Раскажани стихови – историја за една љубов“ претставува љубовна поезија со нагласен наратив. Поднасловот и симболичните наслови на циклусите, како „Раѓање на трепетите. Живот“, „Граници“ и „Последици“, го водат читателот низ еден емотивен пат, откривајќи ја историјата на една љубов: нејзиното раѓање, будност, траење и возникнување. Книгата се составува од близу 80 песни.
– Иако секоја песна може да се чита како самостојна целина, целата збирка функционира како единствен, долг лирски наратив – психоемотивна карта на зрела и свесна љубов. Оваа љубов не е наивна, спонтана или патетична, туку доживеана и испеана од перспектива на жена која длабоко чувствува, но и се соочува со своите граници. Лирскиот субјект не ја восприема љубовта како обврска или принуда, ниту крајот како конфликт или огорченост. Напротив, и по крајот, љубовта останува извор на благодарност, сознание и учење за постоењето. Иако изгубена, таа станува учителка – за животот, за причините да се сака и за вредноста на моментите поминати во среќа. Јазикот на збирката е едноставен, прецизен и складен, спојувајќи секојдневен говор со архаични изрази. Од идеализација, преку ментален и емотивен раст, саканиот се трансформира – од конкретна личност во космичка фигура, за на крајот да стане најубав спомен. Низ стиховите се чувствува тивка тага, која не води кон очај, туку кон внатрешна сила – сила со која постоењето не го одредуваме преку другите, туку преку самите себе. Оваа збирка е посветена на љубовта, која не нас прави само среќни, туку и свесни – за нас самите, за љубениот и за вистината на постоењето, кое има свој почеток и свој крај, нагласува издавачот.
Марина Димитриева-Ѓорѓиевска (1978) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на студиската група за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Потоа завршила магистерски и докторски студии. Професионалната кариера ја започнала како новинар и уредник во културна редакција, а повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои се „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024) и „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025).




