Авион на „Ер Индија“, кој летал кон Лондон со 242 патници, се урна кратко по полетувањето во близина на аеродромот Ахмедабад. Несреќата се случи во округот Меганинагар, а според најновите информации, загинаа повеќе од 200 лица.
Шефот на градската полиција изјави дека е пронајден еден преживеан, британско-индиски државјанин по име Вишвас Кумар Рамеш.
Дел од авионот заврши во хотел каде што живеат лекари, а Федерацијата на индиски медицински здруженија (FAIMA) објави дека помеѓу 50 и 60 студенти по медицина се пренесени во болница.
Од местото на несреќата се ширеа густи облаци од чад, видливи од далечина. Итните служби, вклучувајќи пожарникари, веднаш реагираа и започнаа спасителна операција.
Се појавија нови снимки од безбедносните камери, кои покажуваат како авионот на „Ер Индија“ се урива и запалува само неколку секунди по полетувањето.
На видеото се гледа како авионот полетува од аеродромот во Ахмедабад. По неколку секунди, тој почнува да губи висина; неговиот долен дел е спуштен, а носот е кренат. Во моментот на ударот, се случува силна експлозија.