Објавена книгата „Малиот Бог на земјотресот“ од Петар Денчев


Во рамки на проектот „Создадено во Европа: моќта на различноста“, издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави книгата „Малиот Бог на земјотресот“ од бугарскиот писател Петар Денчев.

-Книгата започнува како и многу други: со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја посебна причина. Го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Тој не изгледа изненаден, дури на почетокот воздивнува со олеснување дека не ѝ се случило ништо лошо. Така навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф кој е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на неговата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав, среде чаршијата во Скопје, се вели во соопштението на „Антолог“.

Преживувајќи го распаѓањето на љубовната врска, за да преживее по трагите на изгубеното, тој се става себеси на влезовите и излезите на сегашноста. Дали оваа интензивна потрага е во состојба да го надмине чувството за живот составено од страв и недостиг? Возможно ли е еден личен бог да го стабилизира свлечиштето на животот за да го забави напредувањето на лудоста, која ги претвора луѓето во машини?

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, а преводот е на Душко Крстевски.

- Реклама -