Поранешниот премиер Никола Груевски преку објава на Фејсбук изнесе тврдења дека најголемиот дел од средствата за изградба на кула со 82 ката во Дубаи, чија вредност надминува 600 милиони евра, се стекнати преку масовен рекет и злоупотреба на власта. Според него, парите биле пренесени во кеш со приватен авион и депонирани на банкарска сметка во оваа држава.
Груевски: Средствата потекнуваат од масовен рекет
Груевски смета дека овие средства биле обезбедени за време на владеењето на Зоран Заев преку, како што наведува, масовен рекет и коруптивни активности.
„Тој веројатно е многу горд на себе во овие денови, кога според информациите, започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи, инвестиција од над 600 милиони евра. Најголем дел од парите за оваа инвестиција се проневерени преку масовниот рекет,како никогаш во историјата на Македонија“,пишува Груевски.
Тој дополнително тврди дека Заев веќе подготвува нова голема инвестиција во друга азиска земја,мотивиран од,како што вели,гаранциите за својата неказнивост.
„Охрабрен од мислата дека си обезбедил заштита од сите можни обвиненија, сега подготвува уште една голема инвестиција во друга азиска држава“, додава поранешниот премиер.
Обвинувања за организиран криминал и политички прогон
Груевски во својата објава наведува дека ова бил дел од поширока мрежа на „масовен организиран криминал“, поврзан со:
- Канабис индустријата
- Тендери во енергетиката
- Корупција во РЕК Битола
- Малверзации во фармацевтската индустрија за време на ковид кризата
- Масовен рекет без преседан во историјата на земјата
Тој дополнително ја обвини поранешната власт за политички прогон врз неистомислениците и предавство на националните интереси.
Оваа објава предизвика бурни реакции во јавноста, а засега не е познато дали ќе следуваат конкретни одговори или правни постапки по овие сериозни обвинувања.




