Обезбедени се дополнителни 600 милиони денари за инвестиции во локален развој и реализација на општински проекти.

Собранието денеска ја прифати Предлог-одлуката за прераспределба на буџетските средства за 2025 година, со што се обезбедени дополнителни 600 милиони денари за инвестициски проекти.

Овие средства се наменети за инфраструктурни и капитални проекти кои ќе придонесат за развојот на општините, согласно објавениот повик и утврдени критериуми на надлежните министерства. Со прераспределбата, дополнителни 242,3 милиони денари ќе бидат ставени на располагање на Министерството за социјална политика, демографија и млади за надоместоци за социјална заштита.

„Ова е важен чекор кон обезбедување средства за реализација на проекти во општините, што е дел од нашиот концепт за развој на локалното ниво. Дополнителните 600 милиони денари ќе им помогнат на општините да создадат подобри услови за живот на граѓаните и да подобрат услугите. Владата е фокусирана на поддршка на локалниот развој и економскиот раст. Средствата според Одлуката ќе се распоредуваат во буџетите на надлежните институции, од каде потоа ќе се пренесуваат кон општините во зависност од напредокот на проектите“, истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Прочитајте и:  (Видео) Неред во Меделин, ниту деветте безбедносни прстени не помогнаа

Таа додаде дека со одлуката, ресурсите ќе бидат распределени на следниве начини: 100 милиони денари за Министерството за социјална политика, 361,2 милиони денари за Министерството за образование и наука, 62,4 милиони денари за Министерството за спорт и 60 милиони денари за Министерството за култура. Ова е во согласност со проектите кои општините ги предадоа и добија одобрување во рамките на Вториот јавен повик.

Во основа, дел од планираните средства за локален развој, кои се имплементираат од страна на општините, веќе беа распоредени во иницијалниот Буџет за 2025 година. Дополнителното финансирање директно произлегува од доставените и одобрените проекти по вториот повик за поддршка на општинските иницијативи.