Филмот „О“ на Рунар Рунарсон беше прогласен за најдобар на деветтото издание на Фестивалот за краток филм „Drim Short 2025“, кој се одржа од 7 до 10 август во Струга.
Во категоријата за најдобар филм од студентската програма, наградата ја доби „Невидлива сестра“, во режија на Нели Рајала. Филмот „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу ја освои наградата во регионалната програма.
Специјално признание за најдобар филм од македонската програма доби „Зајак“ на Ханис Багашов, додека во националната програма, награда доби „Мала шега“ на Трифун Ситниковски.
Организаторите на Дрим шорт фестивал истакнаа дека за најдобар филм во категоријата „соочување со минатото“ беше прогласен „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Сљепчевиќ, а филмот „Остров“ на Бранко Костески ја освои наградата од публиката.
На деветтото издание на Дрим шорт фестивал, беа прикажани 29 филмови во шест различни категории. Фестивалот вклучуваше и работилница за филмска критика на тема „Соочување со минатото“, како и мастер-клас со Никола Ристановски.




