Новото електрично возило за чистење на БРАКО стигна на пазарот

Шеесет и шест претставници на продажба за возилата за чистење произведени од БРАКО, од различни делови на светот, денес во рамките на фабричкиот комплекс во Велес, правеа тестирање на новото електрично средство за чистење наречено Грин Машинс, кое сега дебитира на пазарот, откако успешно доби меѓународна сертификација од ТУВ Германија. Грин Машинс 720 ZE претставува сосема нов развој во којшто тим од врвни домашни инженери во БРАКО, Велес, работеа во последните две години. Машината вклучува напредна технологија од последната генерација, додека се грижи да задржи зголемен капацитет на контејнерот без притоа тежината да надмине 3,5 тони, што овозможува управување со Б-категорија. Оваа карактеристика им олеснува на комуналните служби и општините кои се соочуваат со недостаток на возачи со Ц-категорија. Поради ова, се очекува новиот модел да стане најпопуларниот во неговата категорија на светскиот пазар.

Возилото функционира со електричен погон и е опремено со мотори вградени во задните тркала и можност за управување со сите четири тркала, овозможувајќи практично вртење во место, што е идеално за тесни градски улички. Системот содржи воден облак за намалување на прашина при метењето, миење под притисок, дополнителен страничен усисувач, транспарентен под за подобра видливост на површината за чистење и 360⁰ камера. Компанијата БРАКО преку Грин Машинс продава возила за чистење што работат на електричен, водороден и класичен погон во дури 50 земји низ светот.