Новиот iPhone Air сигнализира идните промени од Apple

Согласно со досегашните информации, во септември годинава се очекува Apple повторно да ги презентира четирите нови модели на iPhone, но овој пат се планира Plus моделот да биде заменет со нов „Air“ модел. Името сѐ уште е недефинирано, но повеќето го нарекуваат така. Марк Гурман, во својот најнов Power On неделен билтен, посебно се осврнува на iPhone Air, кој треба да предизвика нов тренд со потенки телефони. Тој тренд беше прекинат кога сфативме дека со подебелите телефони може да имаме подобри батерии и камери. Но, со технолошкиот напредок, особено кај батериите, се отвора можност за враќање на потенките уреди. Овој феномен ќе го започне iPhone Air, заедно со Samsung Edge.

Гурман истакнува дека со време, телефони без физички приклучоци би можеле да станат норма, со целосно безжично полнење. За iPhone Air постои ваков план, но сѐ уште ќе има USB-C приклучок. iPhone Air се споредува со MacBook Air бидејќи ќе биде потенок од другите и ќе комбинира карактеристики од различни модели. Очекувано е да има 6.6-инчен екран со тенки рамки и 120 херци освежување. Исто така е предвидено ново Camera Control копче и нов дизајн на камерата со 48 мегапиксели како кај iPhone 16e.

Се верува дека уредот ќе има C1 чип од Apple, заменувајќи го оној од Qualcomm, а за перформансите ќе се грижи A19 чипот, без Pro ознаката. Сѐ ова ќе овозможи потенкиот уред да има долготрајна батерија. Гурман предвидува дека можеме да очекуваме мали освежувања на телефоните во текот на наредните години, а следната би можела да биде и предвесник за првите телефони на преклоп од Apple.