Ниту се разговарало ниту ќе се разговара за промена на химната, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера ја повика владејачката партија да одговори дали со коалициските партнери во власта, освен за промена на државниот грб, го отвориле и прашањето за измена на химната

Ниту се разговарало ниту во иднина ќе се разговара за промена на химната – велат од ВМРО-ДПМНЕ откако опозицискиот СДСМ вчера праша дали, покрај промената на државниот грб, коалициските партнери во власта разговараат и за менување на националната химна.

Граѓаните може да бидат спокојни, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:

„ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања, и СДС пинг-понг политиката треба да престане. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната ниту, пак, во иднина ќе се разговара. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми со цел да се затскрие криминалот – помина.“

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера ја повика владејачката партија да одговори дали со коалициските партнери во власта, освен за промена на државниот грб, го отвориле и прашањето за измена на химната.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вчера изјави дека нема договор за промена на државниот грб, но оти никој не може да го оспори фактот што и грбот и националната химна потекнуваат од, како што рече, комунистичко време и не ја одразуваат реалноста онака како што треба.

Претходно вчера и градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој е дел „Вреди“, рече дека како коалиција се подготвени да разговараат за пакет уставни измени, кои освен грбот ќе вклучат и промена на химната, како и формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“.