Министерството за здравство остро ја осудува секоја форма на коруптивно однесување во здравствениот сектор. Во контекст на случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ во Битола, каде што едно медицинско лице беше затекнато при примање мито, Министерството веднаш покрена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури.
Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и јасна, што сведочи за заложбите за заштита на достоинството на пациентите и интегритетот на здравствените работници во јавниот сектор.
Граѓаните имаат право да добијат фер и достоинствен третман. Министерството не толерира корупција и ќе преземе мерки против сите прекршоци за да ја одржи довербата во здравствениот систем.
Очекуваме институционална истрага и одговорност од надлежните органи со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат неправилности преку веб-алатката „Пријави неправилности“, додека институциите требаше да постапуваат доследно, без селективност, соопшти Министерството за здравство.




