Независно научно истражување за улогата на ЕВН Македонија во општествено-економскиот и енергетскиот развој во изминатите две децении.

Дваесет години влијание: „Бела книга“ за улогата на ЕВН Македонија

Економскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) изготвија сеопфатни студии за влијанието на ЕВН Македонија врз националната економија, енергетиката и општеството во целина во последните две децении. Двата труда се обединети во единствена, заокружена публикација – „Бела книга“ на достигнувањата. Во неа се нуди јасен и структуриран увид во трансформацијата на енергетскиот систем и улогата што компанијата ја имала во економскиот и општествениот развој во периодот 2006–2026.

Резултатите од социоекономската и енергетската анализа, собрани во „Белата книга“, беа претставени на свечена промоција во Македонската филхармонија во Скопје, во присуство на високи претставници на извршната и законодавната власт, институциите, академската заедница, деловните партнери и соработниците. Настанот го отвори претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, господин Волфганг Маиер. Пред присутните се обратија и претседателот на Собранието, господин Африм Гаши, министерката за енергетика, госпоѓа Сања Божиновска, како и претседателот на Советот на странски инвеститори, господин Виктор Мизо. Своите наоди ги презентираа и проф. д-р Мијалче Санта, декан на Економскиот факултет при УКИМ, и проф. д-р Александра Крколева‑Матеска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, по што следеше панел-дискусија за клучните заклучоци.

Според студијата, до крајот на 2026 година ЕВН Македонија заокружува инвестиции во износ од 837,46 милиони евра. Вкупниот ефект врз економијата се проценува на 1,4% од БДП, со 95 милиони евра директен придонес, 150 милиони евра годишен економски ефект и 28 милиони евра фискален придонес. Во документот се нагласува дека целокупната добивка на компанијата во тој период е реинвестирана во македонската економија, за разлика од просекот кај странските компании, каде што околу 70% од добивката се изнесува надвор од земјата.

Со база од 928.000 корисници, ЕВН континуирано вложува во подобрување на корисничкото искуство. Освен 19 кориснички енерго-центри низ државата, на располагање се и контакт-центар со работа 24/7 и е‑платформи со целосно дигитализирани кориснички и технички услуги.

Прочитајте и:  Повеќе пловила поминале низ Ормуската Теснина и покрај обновените тензии на Блискиот Исток

Во последните дваесет години, модернизацијата на дистрибутивната мрежа и зелената транзиција се меѓу клучните столбови на развојот на ЕВН Македонија. Реализиран е обемен инвестициски циклус: изградени се 5.561 километар нова и реконструирани 3.056 километри постојна мрежа, поставени се 1.368 нови и модернизирани 1.761 трафостаници. Овие вложувања доведоа до значително повисока ефикасност и сигурност на системот, со намалување на техничко‑комерцијалните загуби од 24% на 14%.

Во обновливите извори на енергија, ревитализирани се 11 мали хидроцентрали со вкупен капацитет од 47 MW и годишно производство од 140 GWh. Изградени се и 9 фотоволтаични централи со капацитет од 33 MW и производство од 46 GWh. Поставен е батериски систем со моќност од 10 MW и капацитет од 20 MWh, со дополнителна надградба од уште 20 MWh. Во рамки на проектот за електромобилност воспоставени се 120 места за полнење.

Студијата наведува дека преку своето работење компанијата директно и индиректно поддржува 3.918 работни места. Посветеноста на развојот на кадарот и на заедницата се огледува преку обуки, едукативни кампањи за енергетска ефикасност, волонтерски активности, стипендии и дуално образование. Поддршката на општествено корисни проекти останува составен дел од корпоративната одговорност. Компанијата управува и со Изложбено-едукативниот центар „Матка“ од јавен интерес – посветен на идните генерации.

Во изминатите две децении, ЕВН Македонија беше целосно насочена кон стратешкиот енергетски развој, придонесувајќи значајно кон јакнење на националната економија, унапредување на условите за бизнис‑заедницата и модернизација на енергетската инфраструктура.

По дваесет години работа, значајни инвестиции и силни партнерства, компанијата ја продолжува јасната и долгорочна визија за модерна, стабилна и одржлива енергетска иднина во земјата.