Нетанјаху се сретна со Бајден: Благодариме на 50-годишната поддршка за Израел

Состанокот се одржа еден ден откако израелскиот премиер одржа жесток говор пред конгресот додека илјадници пропалестински демонстранти демонстрираа пред зградата

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска во Белата куќа разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој му се заблагодари за поддршката на Израел, која, како што истакна, трае веќе 50 години.

Фото: EPA-EFE/SAMUEL CORUM / POOL

Нетанјаху рече дека го познава Бајден 40 години, а како што пренесува Би-би-си, американскиот претседател го познава секој израелски премиер во последниот половина век.

„Од горд еврејски ционист до горд ирско-американски ционист, сакам да ви се заблагодарам за 50-годишната јавна служба и 50-годишната поддршка за државата Израел“,

рече Нетанјаху.

Состанокот се одржа еден ден откако израелскиот премиер одржа жесток говор пред конгресот додека илјадници пропалестински демонстранти демонстрираа пред зградата.

Покрај Бајден, на состанокот присуствуваа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, советникот за национална безбедност Џејк Саливан, заменик-советникот за национална безбедност Џон Фајнер, американскиот амбасадор во Израел Џек Лев, првиот човек на Белата куќа за Блискиот Исток Брет Мекгурк и специјален пратеник за Блискиот Исток на Белата куќа Амос Хохштајн.

На состанокот на Нетанјаху му се придружија министерот за стратешки прашања Рон Дермер, советникот за национална безбедност Тачи Ханегби, израелскиот амбасадор во САД Мајкл Херцог, началникот на Генералштабот на Нетанјаху Тачи Браверман, воениот секретар на премиерот Роман Гофман и неговиот советник за надворешна политика Офир Фалк.

Нетанјаху утре патува за Флорида, каде ќе се сретне со поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп.

- Реклама -