Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант дополнително предупреди дека воената подготвеност е подигната на највисоко ниво. Воените команданти добија инструкции да се подготват за евентуални обновени борби во Газа
Три недели по постигнувањето на кревкиот прекин на огнот, и Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на договорот.
Досега Хамас ослободи 16 од 33 планирани заложници во тековната фаза од договорот, додека Израел ослободи 656 палестински затвореници од списокот од речиси 2 000 луѓе. Но, размената би можела да се прекине откако Хамас го обвини Израел за прекршување на договорот и најави одложување на ослободувањето на заложниците во сабота „до натамошно известување“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека прекинот на огнот ќе заврши доколку Хамас не ги ослободи заложниците како што е планирано.
„Доколку Хамас не ги врати нашите заложници до сабота напладне, прекинот на огнот ќе заврши и ИДФ (Израелските одбранбени сили) ќе се вратат во интензивни борби додека Хамас не биде целосно поразен“,
рече Нетанјаху во вечерашното видеообраќање.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант дополнително предупреди дека воената подготвеност е подигната на највисоко ниво. Воените команданти добија инструкции да се подготват за евентуални обновени борби во Газа.
САД, Египет и Катар сѐ уште се обидуваат да постигнат договор, но можноста за нов бран на насилство расте. Американскиот претседател Доналд Трамп предложи прекин на повеќефазниот договор, повикувајќи на ултиматум до Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници.
„Ако сите заложници не бидат вратени до сабота напладне, мислам дека Израел треба да го прекрши договорот и потоа да дозволи сето тоа да се разнесе“,
им рече Трамп на новинарите.
Прекинот на огнот е планиран во три фази, но иднината на договорот сега е крајно неизвесна.