Готвачот Виктор Настески јасно и недвосмислено ја поддржа најавената законска мерка за ограничување на пушењето, истакнувајќи дека тој и неговите деца не треба да ги поднесуваат последиците од туѓите одлуки. Настески реагира на, како што вели, себичните реакции на дел од пушачите, кои тврдат дека им се ограничени правата. Тој нагласува дека пушењето не е уставно загарантирано право, туку лична навика и зависност. Според него, секој има право да одлучува за своето здравје, но таа слобода завршува таму каде што почнува здравјето на другите, особено на децата и непушачите.
Настески прави разлика меѓу приватните и јавните простори. Во својот дом, како што вели, секој сам е одговорен за своите акции и никој не смее да се меша. Сепак, во јавен простор, како што се ресторани и кафулиња, не е прифатливо некој да пуши додека другите јадат или се опуштаат со семејството. „Моите деца не треба да се соочуваат со вашиот избор и да ме прашуваат зошто им печат очите од чадот“, порачува Настески, нагласувајќи дека децата заслужуваат чист воздух, а не тутунски дим во угостителските објекти.
Тој додава дека за пушачите не е трагедија да излезат надвор неколку минути за да запалат цигара, уверувајќи дека угостителите нема да претрпат загуба, напротив, нивните објекти ќе се наполни со гости кои се заморени од чадот и непријатната миризба. Според него, кој сака да излезе во град, ќе го направи тоа без оглед на законите.
Настески потсетува дека сите гости ја плаќаат иста сметка, но не добиваат исто искуство. Додека некои уживаат во својата навика, други се гушат и сакаат што побрзо да заминат. „Моите пари не се помалку вредни од вашите, за да морам да ја трпам вашата страст за тутун“, истакнува тој.
На крајот, готвачот порачува дека новиот закон не е насочен против пушачите, туку во интерес на сите граѓани, со цел јавните простори конечно да станат места каде што може мирно да се диши. Тој се надева дека најавите нема да останат само на хартија, туку навистина ќе се стави крај на, како што ги нарекува, „гасните комори“ во угостителските објекти.




